Што е перење пари и дали следењето на парите е доволно за да се спречи “перењето” ?

Брзиот развој на технологијата и комуникацијата овозможуваат парите со голема брзина и леснотија да се движат насекаде низ светот. Ова ја прави задачата за борба против перењето пари потешка од било кога.

Тешко е да се одреди вкупната сума на пари која што поминува низ процесот на “перење”, меѓутоа се проценува дека на глобално ниво за една година изнесува околу 2-5% од вкупниот БДП или 800 милијарди – 2 трилиони УСД. Иако маргината меѓу овие бројки е огромна, дури и пониската проценка ја нагласува сериозноста на проблемот што владите ширум светот ветија дека ќе го решат.

Банките ширум светот трошат околу 8 милијарди долари за спречување на перење пари (АМЛ) годишно, според истражувачката фирма WealthInsight. Исто така Според Бостон Консалтинг Груп, Банките од 2008 година заради неуспешна регулатива имаат потрошено околу 321 милијарда долари за казни, почнувајќи од перење пари и финансирање на тероризмот до пазарна манипулација.

Што претставува перењето пари?

Секое злосторство кое започнува со пари, завршува со перење пари. Ако криминалците сакаат да профитираат од криминал и да го избегнат кривичното гонење, тие мора да најдат начин за прикривање на потеклото на нивните остварени придобивки. Шверц на дрога, трговија со луѓе, трговија со оружје, измама: перењето пари е моторот за сите нив.

 Под поимот перење пари се подразбира процес преку којшто таканаречените “нечисти” пари или друг вид на имот стекнати со криминални или противзаконски активности се претвораат во “чисти” пари или имот. Овие пари потоа може да се користат како легален приход во банкарски, трговски, купопродажни, инвестициски и претприемачки активности.

Перењето пари во теоријата и практиката не е нов феномен, тој се појавува уште во 20 век, кога оваа појава се сметала за маргинален проблем, но по експанзијата на трговијата со дрога перењето пари добива глобални размери. Имено, терминот „перење пари“ потекнува од поседувањето на синџири на работилници за перење алишта од страна на мафијата во САД уште во 30-тите години на 20 век, кога определени криминални групи заработувале големи износи на пари од извршените изнуди, проституција, коцкање или од продажба на алкохол. Ал Капоне во 1931 година започнува посериозно да размислува како криминалците да го сокријат нелегално стекнатиот приход. Имено, Мајер Лански познат како сметководител на мафијата, загрижен да не ја доживее истата судбина како неговиот шеф Капоне, започнува да ги истражува можностите за криење на парите и за кратко време ја открива предноста на нумерираните швајцарски сметки. Оваа идеја, исто така, е разработена од Лесли Лански кој е познат како прв перач на пари кој користејќи ги „швајцарските“ можности ја воспоставува првата техника на перење пари позната како концепт на „враќање на заем“. Поаѓајќи од фактот што „перењето пари“ почнува да зазема глобални размери почнувајќи од 80-тите години од 20 век, расте загриженоста околу негативните последици на инвестирањето значителни суми со криминално потекло во легалната економија и степенот на моќ и контрола кои резултираат од тоа. Со цел да се намали овој глобален проблем, меѓународната заедница го дефинира перењето пари како закана за демократијата, човековите права и владеењето на правото кои се основни вредности на современите демократски држави.

Следењето на парите не е доволно!

Во борбата против перењето пари, предизвикот не е само непотполни податоци, туку и да се имаат вистинските податоци и вистинските системи за да ги анализираат. Борбата против перењето пари е и запознај го својот клиент.

Банките во светот се повеќе обрнуваат внимание и инвестираат во нови и софистицирани системи и затоа во голема мера зависат од квалитетот на податоците кои што ги имаат за клиентот. Системите за следење на сомнителни трансакции со текот на времето мораат да еволуираат. Ако старите системи беа развиени за да откриваат одредени сценарија со користење на одредени податоци, со сите нови канали и технологии системите мора да бидат по агилни и флексибилни. Старите технологии неможат да го држат чекорот со современото перење пари. Затоа е потребно ресетирање! Следењето на парите не е доволно, системите сега мора да го следат и однесувањето – и да го прават тоа на нов начин.

На пример: Бизнисот на клиентот може да изгледа сосема легитимен, но кога ќе откриете дека често се најавува на сметка на интернет банкарство преку IP адреса во земја со висок ризик, тоа е нешто што би сакале да го знаете и истражите. Перачите на пари летаат под радарот и се обидуваат да изгледаат како нормални клиенти.

Ако гледате во нормално или абнормално однесување, не постои таква разлика помеѓу откривање на измама и откривање на перење пари. Единствената разлика е во тоа што гледате нормално однесување од друга перспектива.

Променете го статичкиот пристап кон перење пари!

Дел од проблемот е статичката методологија. Перењето пари е зараза која има потреба од активен пристап за спречување, кога се префрла на понови, посложени и шеми кои е тешко да се откријат. Активен пристап значи подобро профилирање и сегментација на клиентите со цел да се додаде поголема длабочина на информации во процесот на следење. Тоа исто така значи дека пасивните AML контроли и правила не се доволни ниту пак ги одржуваат истите методи како  порано со цел да се спречат појавите на перење пари и избегнување на данокот.

Уште еден дел кој што Банките мораат да го надминат во предизвикот за откривање перење пари е да се најде скриената шема во големиот број на трансакции. Примерот со Troika Laundromat е пример за перење пари преку создавање илјадници лажни трансакции за да ја сокријат вистинската природа на нивната активност.

Согласно горенаведеното Банките мора да имаат алатки за да можат да ги соберат сите информации: каде се лицата, кои се и со кого работат. Системите мора постојано да се усовршуваат се со цел вработените во одделите да донесуваат одлуки врз основа на целосни и точни податоци.

Банките треба да ги пронајдат и лошите “актери” а не само сомнителните трансакции.